Тајна врска со трагедијата во „Пулс“: Александар Нацев „неофицијално“ осомничен за тешки дела против безбедноста

5

Александар Нацев, член на ВМРО-ДПМНЕ, е неофицијално идентификуван како таен сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која е под истрага во врска со трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што животите ги загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, дознава неофицијално Фокус.

Според Обвинителството, Нацев е осомничен за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, поради тоа што раководел со работењето на „Рубикон“, заедно со претходно осомничениот управител и овластеното лице од подружницата во Кочани.

Истражните органи утврдиле дека обезбедувањето на дискотеката било ангажирано без формален договор, без безбедносна проценка и без план за противпожарна заштита – сериозни пропусти кои придонеле за катастрофалниот исход на настанот.

Обвинителството наведува дека во критичната ноќ, агенцијата:

  • не спречила влез на малолетници,

  • не го контролирала бројот на присутни во дискотеката,

  • дозволила внес на пиротехнички средства, кои според првичните наоди го предизвикале пожарот.

Нацев е лишен од слобода, а при извршени претреси во Скопје, Пробиштип и во неговото возило, биле запленети документи и електронски уреди. Обвинителството поднесе предлог за притвор до Основниот кривичен суд Кочани.

Останува да се види дали судот ќе го прифати предлогот, а јавноста очекува одговорност за еден од најголемите цивилни трагедии во поновата историја на земјата.

Makedonski