Судот го ослободи Рамиз Мерко од обвинението за набавка на луксузно „Ауди“

4

Актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, денес беше ослободен од обвинение од страна на Основниот кривичен суд во Скопје, во случајот поврзан со набавката на луксузно возило марка „Ауди“ вредно 67.000 евра.

Судот пресуди дека не е докажано оти Мерко имал намера да стори кривично дело при спроведувањето на јавната набавка. Станува збор за набавка на возила за општински потреби во вкупна вредност од 114.000 евра.

Неговиот адвокат, Игор Петковски, изјави дека:

Судот не утврди никакво прекршување на законот. Одлуката е во согласност со фактите и доказите.

Обвинението беше поднесено во март 2024 година, како дел од поширока истрага поттикната од внатрешна проверка во Јавното обвинителство во Струга. Тогаш, Мерко беше посочен како осомничен за најмалку 30 кривични дела, главно поврзани со злоупотреба на службена положба.

И покрај ослободителната пресуда во овој случај, Рамиз Мерко и понатаму се наоѓа на „црната листа“ на САД поради сериозни сомнежи за корупција и злоупотреба на функцијата. Американската амбасада во Скопје во јуни 2023 година го стави на списокот на санкционирани лица, што значи дека нему и неговото семејство им е забранет влез во САД.

Ослободителната пресуда не ги затвора сите случаи против Мерко. Се очекува Обвинителството да продолжи со истрагите за останатите предмети во кои е инволвиран.

Makedonski