Жителите на Ѓорче Петров против изградба на хемиски фабрики – Град Скопје не доби поддршка од Уставниот суд

2

Граѓаните на скопската општина Ѓорче Петров остро се спротивставуваат на плановите за изградба на три индустриски објекти – хемиски фабрики – на површина од 157.000 квадратни метри. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска повторно го истакна ставот дека Градот не дал согласност за реализација на овој проект.

Во февруари 2024 година, како Град Скопје не дозволивме и не дадовме согласност за градба на трите хемиски фабрики, како и за изградба на над 30 висококатници, кои би значеле двојно зголемување на бројот на жители дозволен според ГУП во тој дел на градот.

изјави Арсовска.

Според неа, посебна загриженост предизвикува фактот што планираните фабрики би се наоѓале во заштитната зона Нерези – Лепенец, во непосредна близина на бунарите од кои се снабдува со вода речиси цело Скопје.

Иницијативата на Градот Скопје за оспорување на одлуката на општината Ѓорче Петров беше поднесена до Уставниот суд уште пред една и пол година. Сепак, на 28 мај 2025 година, Уставниот суд донесе одлука да не ја разгледува иницијативата за оценка на уставноста.

Ова е разочарувачка одлука, бидејќи станува збор за прашање што директно го засега здравјето и квалитетот на живот на жителите на Скопје.

нагласи Арсовска, најавувајќи дека градот ќе продолжи да се бори против проекти кои, според неа, претставуваат закана за животната средина и за интересите на граѓаните.

Граѓански активисти и жители на Ѓорче Петров најавуваат протести и нови иницијативи за спречување на проектот. Според нив, изградбата на хемиски објекти во близина на водозаштитната зона е недозволива и неприфатлива.

Makedonski