Пукање во училиште во Грац – осум загинати, голема полициска акција во тек
Во училиште во австрискиот град Грац денеска се случи трагедија кога ученик отворил оган во училниците на училиштето „БОРГ“, при што според австрискиот весник „Кроне“, наводно загинале осум лица. Напаѓачот, според првичните информации, по нападот се самоубил.
Полицијата потврди дека акцијата започнала околу 10 часот наутро, откако биле пријавени истрели во зградата на училиштето на улицата „Драјершиценгасе“. На терен моментално се наоѓаат бројни полициски сили и специјалната единица „Кобра“, а објектот се пребарува темелно.
Се наведува дека напаѓачот влегол во најмалку две училници каде пукал во луѓе со едно или повеќе огнени оружја. Полицијата не ја исклучува можноста дека има и друг сторител и апелира до граѓаните да ја избегнуваат областа.
Според полициски извори, бројот на тешко повредени лица е двоцифрен, а се стравува дека бројот на жртви би можел да се зголеми.
Ова е еден од најтешките инциденти од ваков вид што ја потресе Австрија во последните години. Причините и мотивите за нападот засега не се познати. Очекувањата се дека полицијата ќе излезе со дополнителни информации откако ќе заврши операцијата и ќе се потврдат сите детали за трагичниот настан.