Делумен полициски час во Лос Анџелес
Полицијата на Лос Анџелес објави дека почнала да врши масовни апсења откако во делови од градот почна полициски час, што го прогласи градоначалничката Карен Бас. Таа кажа дека протестите против рациите на имигранти се ограничени на само пет улици во центарот, но сепак воведе локална вонредна состојба и делумен полициски час за да се спречат насилства и грабежи.
-Повеќе групи продолжуваат да се собираат, иако во сила е полициски час. Поради тоа, започнати се масовни апсења, соопшти полицијата.
Полицискиот час се однесува на дел од градот од само 2,5 квадратни километри, каде што се одржуваат протести од петокот и не важи за оние кои живеат тука.
Во градот почнаа да пристигнуваат маринци по наредба на Доналд Трамп, за да ѝ помогнат на Националната гарда во заштитата на федерални објекти и персонал. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, го обвини Трамп дека ги разгорува протестите.
-Испраќањето на обучени војници на улиците е без преседан и ја загрозува суштината на нашата демократија. Трамп избра ескалација, тој не ги штити нашите заедници, туку ги трауматизира, кажа Њусом.