Иран драматично ја зголемува количината на ураниумот; Либан и Јордан ги затвораат границите со Сирија
Блискиот Исток не мирува, а последните информации од Иран велат дека врз база на количината со која се зголемува ураниумот веќе се има материјал за четири нуклеарни бомби.
Најмалку 30 Палестинци загинаа во израелски напад врз болницата Камал Адван на северот од Газа, објавија палестинските медиуми.
Директорот на болницата изјави дека израелските сили упаднале во објектот, додека Светската здравствена организација изрази загриженост поради отсуство на претходно предупредување за нападот.
Од друга страна, израелската армија ги отфрли обвинувањата дека го нападнала и упаднала во болницата, нагласувајќи дека нејзините дејствија биле ограничени на околината на објектот.
Во меѓувреме, американските медиуми пренесоа дека израелскиот претседател Исак Херцог го повикал Илон Маск да се вклучи во обидите за оживување на преговорите за ослободување на заложниците задржани во Газа.
Борбите не стивнуваат ниту во Сирија. Илјадници луѓе побегнаа од градот Хомс, додека бунтовниците ја продолжуваат својата офанзива, тврдејќи дека стигнале до тој регион.
Обединетите нации соопштија дека од 27 ноември досега се раселени 370.000 лица. Лидерот на главната сириска бунтовничка група, Абу Мохамад ел Џолани, изјави дека нивната крајна цел е соборување на режимот на претседателот Башар ел Асад.
Во меѓувреме, Либан и Јордан објавија затворање на копнените гранични премини со Сирија, освен главниот премин што го поврзува Бејрут со Дамаск, поради интензивирањето на конфликтите во регионот.
Истовремено, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, изрази загриженост поради драматичниот пораст на количината ураниум збогатен до 60% чистота во Иран, што е блиску до 90% неопходни за воена употреба.