Пратениците денеска ќе расправаат за предлогот за една изборна единица

3

„Воведување на една изборна единица – со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; воведување на преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво; јакнење на довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери; унапредување на политичката инклузивност – преку создавање услови за подобра застапеност на жените, младите, лицата со попреченост и другите маргинализирани групи во законодавниот дом; приближување кон меѓународните стандарди – преку имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и усогласување со добрите европски практики за изборни системи“, пишува во дел од  образложението за измените на предлог-законот.

Како што се наведува во образложението, предложените законски решенија ќе придонесат кон зголемена вклученост на граѓаните во изборниот процес, особено преку унапредување на можноста за учество на независни кандидати и граѓански иницијативи.

„Воведувањето фиксен праг од 1.000 потписи за поднесување листа во рамки на изборната единица, како и продолжувањето на рокот за собирање потписи на 30 дена, ќе ги намали административните пречки и ќе создаде поправични услови за сите учесници, независно од политичка или финансиска моќ. Со тоа се поттикнува политичкиот плурализам и се овозможува поширок опсег на избор за граѓаните. Воведувањето на пропорционален изборен модел со преференцијално гласање (т.н. отворени листи), во рамки на една изборна единица што ја опфаќа целата територија на Република Северна Македонија, има за цел да ја зајакне врската помеѓу избраните претставници и граѓаните. Со овој модел, граѓаните не гласаат само за политичка листа, туку и директно го определуваат редоследот на кандидатите со давање преференцијални гласови, што овозможува поголема персонализација на политичката одговорност. Истовремено, наизменичниот распоред на жени и мажи на листите и принципот на родов паритет ќе гарантираат правична застапеност на половите. Овие мерки заедно ќе придонесат за повисока демократичност, транспарентност и доверба во изборниот процес“, се вели во предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

И од Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица, во кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за отворање на широк дијалог околу измените на Изборниот законик за една изборна единица дадоа и Партијата за движење на Турците (ТПХ) и Демократска обнова на Македонија (ДОМ).

„Потребна е сеопфатна, инклузивна и транспарентна реформа, која ќе ја гарантира рамноправноста на сите граѓани – без разлика на бројноста на заедницата од која доаѓаат. ТХП ќе продолжи активно да се залага за изборен систем кој ќе ја одразува реалната мултиетничка структура на државата и ќе гарантира глас и претставеност на сите заедници во духот на вистинската демократија“, посочија тогаш од ТХП преку соопштение.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ), соопшти претходно дека со задоволство ја поздравува иницијативата за воведување на една изборна единица, но смета дека истата треба да биде проширена со воведување на пропорционален изборен систем, без праг, со отворени листи и со 50% застапеност на жени на листите.

„Ова е предлог за кој ние со години се залагаме и за кој сме убедени дека е клучот за посуштинска демократизација и поправедно претставување на граѓаните во нашето Собрание“, посочија од ДОМ.

Пред пратениците во рамки на денешната пленарна седница е и предлог на законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани и на членовите на нивните семејства, во прво читање, поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата. Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, животите ги загубија 62 млади луѓе и околу 200 беа повредени. Во досегашната истрага  за тешки дела против општата сигурност осомничени се вкупно 46 лица. Истрагата продолжува и за 14 полициски службеници, за кои се уште се собираат докази.

На дневен ред на оваа седница има уште 18 точки – предлог на одлуката за распишување јавен оглас за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, предлог на законот за изменување на Законот за фитофармација, предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, предлог на законот за изменување на Законот за заштита од вознемирување на работно место, предлог на закон за изменување на Законот за високото образование, сите во второ читање, предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија, по скратена постапка предлог на законот за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, предлог на законот за електронските комуникации, предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, предлог на законот за архивски материјал и архивска дејност, сите во прво читање и Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2026 – 2030 година.

Makedonski