СДСМ жестоко го критикува новиот гувернер Трајко Славески: „Одбран на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните“

7

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, се најде на удар на остри критики од СДСМ, кои го обвинуваат дека уште на почетокот на мандатот го покажал својот „вистински лик“ – како што велат, надмен, отсечен од реалноста и наклонет кон интересите на крупниот капитал.

Повод за реакцијата на опозициската партија е неодамнешното интервју на Славески, во кое тој изјавил дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“. За СДСМ, ваквите изјави се „лицемерие“ на човек кој целиот свој работен век го поминал на високи функции, примал плати над 3.000 евра и сега, како што велат, „ја поучува сиромаштијата како да преживее“.

Трајко Славески очигледно не разбира дека граѓаните не се сите како него – поврзани со елитата, на државна плата, заштитени од економската реалност. Граѓаните живеат со инфлација, скапа храна и секојдневна борба за основни трошоци.

стои во соопштението од партијата.

СДСМ дополнително го обвинува Славески дека со отпорот кон замрзнување на цените и трговските маржи всушност застанал во одбрана на профитите на трговските ланци, а не на интересите на обичните граѓани.

Неговите изјави јасно покажуваат дека тој ќе биде гласноговорник на богатите, на оние што живеат во паралелна реалност. Македонија не смее да има гувернер кој со презир зборува за оние што живеат од минималец.

додаваат од партијата.

СДСМ иронично прашува дали премиерот Христијан Мицкоски стои зад ваквите ставови или го инструирал гувернерот да зборува вака, обвинувајќи го Славески дека „како претседател на Советот го уништи Скопје, а сега ќе ја уништи и монетарната политика“.

„Трајко Славески не е човекот што ѝ треба на Народната банка, а уште помалку на македонскиот народ“, заклучуваат од СДСМ.

Makedonski