Игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) едногласно избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија
Неговото Високопреподобие, игуменот Георгиј (Ѓорѓевски), е едногласно избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија на денешната седница на Светиот Архијерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Со овој избор се пополнува тронот на Дебарско-кичевската епархија, кој беше упразнет по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година. Синодот, составен од 12 архиереи, едногласно ја поддржа кандидатурата на Георгиј, кој во изминативе недели беше во фокусот на црковната јавност поради неговото брзо напредување во монашкиот ред и изразената доверба од страна на архиепископот г.г. Стефан.
Игуменот Георгиј е поранешен декан на Богословскиот факултет и беше замонашен на 27 мај годинава. Само неколку дена подоцна, беше произведен за јероѓакон, па за јеромонах, а на празникот Педесетница беше унапреден во чин игумен.
Денот на ракополагањето на новоизбраниот митрополит Георгиј во епископски чин ќе биде дополнително соопштен од страна на МПЦ-ОА. Очекувањата се дека новиот митрополит ќе продолжи со делото на својот претходник г. Тимотеј, кој повеќе од три децении ја водеше Дебарско-кичевската епархија.