Пропадна иницијативата за една изборна единица со отворени листи
Предлогот на пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, за измена на изборниот модел и воведување на една изборна единица со отворени листи не доби поддршка во Собранието. Само 19 пратеници од опозицијата гласаа „за“, со што иницијативата пропадна уште во првата фаза.
Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот.
рече Зајкова, истакнувајќи дека воведувањето отворени листи би овозможило граѓаните директно да избираат поединци, а не само партиски предложени листи.
Таа додаде дека „има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност и контрола“.
Иако не гласаа за предлогот, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја поддржуваат идејата за една изборна единица. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, изјави дека ова прашање повторно се актуелизирало откако ДУИ ја нападнала Владата за наводна негрижа за дијаспората во контекст на новиот Закон за локална самоуправа.
Предлогот за промена на изборниот модел е тема што повеќе пати се појавува во јавноста, но досега ниту една иницијатива не доби поширока политичка поддршка, особено поради страв кај поголемите партии од губење на контролата врз изборниот процес и распределбата на мандати.