ЕУ ги отвора сите преговарачки поглавја со Албанија – најавена пресвртница во евроинтеграциите
Европската унија месецов ќе ги отвори сите преговарачки поглавја со Албанија, што се смета за историски чекор напред во процесот на нејзиното пристапување кон ЕУ. Веста ја потврди комесарката за проширување, Марта Кос, на конференција на Центарот за европски студии, истакнувајќи дека е постигнат договор со албанскиот премиер Еди Рама и дека европските институции се подготвени да ја забрзаат интеграцијата на земјата.
Имаме компромис што ќе овозможи конечно да се реализира „бракот“ на Албанија со Европа. Отворањето на последните поглавја ќе се случи во јуни, со што ќе се отворат сите.
изјави Кос, додавајќи дека следната фаза ќе биде затворањето на преговарачките поглавја.
Комесарката ја пофали Албанија за посветеноста кон реформите, нагласувајќи дека земјата претставува пример за мобилизација на целото општество во насока на европска интеграција.
Овој чекор испраќа силна порака до целиот регион на Западен Балкан, дека проширувањето останува висок приоритет на Унијата.
Отворен „Кластер 3“: Конкурентност и инклузивен раст
Претходно, во мај, ЕУ и Албанија го отворија „кластерот 3“ од преговорите, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст – дел од пошироката стратегија за европско приближување.
Кластерот опфаќа неколку важни области:
-
Економска и монетарна политика
-
Социјална политика и вработување
-
Образование, истражување и иновации
-
Претприемништво и индустриска политика
Тој ги вклучува и преговарачките поглавја:
10 (дигитална трансформација и медиуми),
16 (оданочување),
17 (економска и монетарна политика),
19 (социјална политика),
20 (претприемништво),
25 (наука и истражување),
26 (образование и култура),
и 29 (царинска унија).
Отворањето на овој кластер означува дека ЕУ го признава напредокот на Албанија и дека земјата е подготвена за подлабоки структурни реформи.