Започнува електронското пријавување за средно образование – првиот рок трае од 14 до 17 јуни

3

Од утре, 14 јуни, започнува првото електронско пријавување на ученици за запишување во прва година во јавните средни училишта во Македонија за учебната 2025/2026 година. Аплицирањето ќе се врши онлајн до 17 јуни на полноќ.

Учениците ќе се пријавуваат преку платформата за електронски услуги на Министерството за образование и наука, достапна на https://e-uslugi.mon.gov.mk, со најавување преку сопствени кориснички сметки на schools.mk.

По завршување на електронската пријава, потребната документација ќе треба да се достави директно до училиштата на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и 19 јуни (од 8 до 17 часот).

Конечните ранг-листи со примени ученици и преостанати слободни места ќе бидат објавени на 20 јуни, најдоцна до 12 часот, јавно во училиштата и/или на нивните веб-страници. Таму каде што ќе има потреба од квалификациско тестирање, тоа ќе се одржи на 23 јуни, кога ќе бидат објавени и резултатите.


Втор уписен рок во јуни

Второто електронско пријавување ќе се одржи на 30 јуни, а документацијата ќе се доставува на 1 јули, од 10 до 19 часот. Конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 2 јули, а евентуално квалификациско тестирање ќе се организира на 4 јули.

Августовски рок – последна шанса за запишување

За оние кои нема да се запишат во јуни, августовскиот рок ќе се спроведе на 21 август, со електронско пријавување и доставување документи истиот ден. Резултатите ќе бидат објавени на 22 август.

Министерството за образование и наука веќе го објави Конкурсот со сите насоки, услови и потребни документи за запишување, достапен е на нивната официјална веб-страница.

Makedonski