Убиен шефот на Револуционерната гарда на Иран во израелски напад
Иранската државна телевизија денес потврди дека командантот на Револуционерната гарда, генерал Хосеин Салами, е убиен во израелските воздушни напади извршени во петокот наутро. Заедно со него, загинаа и началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал Мохамед Багери, како и командантот на штабот на здружените сили на Хатам ал-Анбија, генерал-мајор Голамали Рашид.
Генералот Салами, кој имаше 65 години, беше назначен на чело на паравоената структура во 2019 година од врховниот лидер Али Хамнеи, по зголемените тензии со САД и повторното воведување санкции по повлекувањето од нуклеарниот договор од страна на тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Тој беше познат по жестоката реторика против Израел и САД, вклучително и закани за одмазда по убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани во 2020 година.
Револуционерната гарда, основана по Исламската револуција во 1979 година, денес има значајна воена, политичка и економска моќ. Таа е одговорна за иранскиот ракетен арсенал и надворешните операции преку елитната единица Кудс.
Во нападот убиени и ирански нуклеарни научници
Според новинската агенција Тасним, која се повикува на локални извори, во израелскиот напад биле убиени и шест ирански нуклеарни научници. Меѓу нив се и Абдолхамид Минучер, Ахмадреза Золфагари, Амирхосеин Феки, Моталеблизаде, Мохамед Мехди Техранчи и Ферејдун Абаси – последниот поранешен шеф на Иранската организација за атомска енергија.
Смртта на високите воени и научни функционери се смета за сериозен удар врз иранската безбедносна и нуклеарна инфраструктура, додека тензиите меѓу Иран и Израел достигнуваат нов врв.