Меси најкорисен играч во американската МЛС лига
Аргентинскиот репрезентативец и играч на Интер Мајами, Лионел Меси, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на американската МЛС лига.
МЛС соопшти дека Меси ја заслужил оваа награда благодарение на неговите 20 постигнати гола и 16 асистенции во само 19 од можни 34 натпревари во регуларниот дел од сезоната. Големиот број пропуштени натпревари бил резултат на повреди, но неговото влијание на тимот било непроценливо.
Со Меси на теренот, Интер Мајами загубил само еден од 19 натпревари, што резултирало со освојување на првото место во регуларната сезона и обезбедување место на Светското клупско првенство следната година.
Меси доби 38% од гласовите за МВП наградата, додека второпласираниот Кучо Ернандез освои 33,7%.