Обвинителен акт против 37 лица за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција објави дека е поднесен обвинителен акт против вкупно 34 физички и 3 правни лица за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март загинаа 62 лица, а 157 беа повредени.
Обвиненијата се однесуваат на три кривични дела, меѓу кои предизвикување општа опасност и несовесно работење во служба, со што е предизвикана смрт и значителна материјална штета. Според Коцевски, делата биле сторени со свесно непостапување по пропишани мерки за заштита и безбедност во простори каде се собираат голем број луѓе.
13 полицајци под истрага
Специјализираното обвинителство за гонење кривични дела од службени лица поведе истрага против 13 полициски службеници, осомничени дека не постапиле според акцискиот план за контрола на угостителски објекти и не презеле мерки за спречување активирање пиротехника во дискотеката.
Низок безбедносен стандард, фалсификувани документи и политичка одговорност
Обвинителството утврди дека дискотеката „Пулс“ работела без дозвола за вршење угостителска дејност, без проект за пренамена, и без план за заштита и спасување. Во објектот биле вградени запаливи материјали како сунѓер без стручен надзор, а градежните услови биле крајно небезбедни.
Меѓу обвинетите се и:
-
Сопствениците и управителите на објектот, кои го воделе локалот и покрај тоа што не исполнувал основни технички услови.
-
Братот на првообвинетиот, кој продавал повеќе билети од дозволеното и овозможувал влез на малолетници.
-
Проектантка од Кочани, која фалсификувала проектна документација.
-
Тројца градежни инспектори и тројца поранешни градоначалници на Кочани, кои, според обвинението, свесно не спровеле надзор и дозволиле објектот да функционира нелегално.
-
Управител и четворица вработени во агенција за обезбедување, кои не презеле мерки за спречување на влез на експлозивни материи и малолетници.
-
Пет државни службеници, меѓу кои и двајца министри, кои издавале лиценци и покрај тоа што „Пулс“ не ги исполнувал техничките услови. Против министрите нема доволно докази за обвинение, но еден службеник е обвинет за примање поткуп и издавање фалсификувани лиценци.
Мерки за претпазливост предложени за обвинетите
Обвинителството предложи повеќе мерки за обезбедување присуство на осомничените, вклучувајќи забрана за напуштање на домот, одземање пасоши, и забрана за контакт со определени лица.
Секоја од овие институционални алки имала моќ и законска должност да ја спречи трагедијата – но тоа никој не го направил.
истакна државниот обвинител Коцевски.