Големи напади на Иран врз Израел во текот на ноќта
Војната помеѓу Израел и Иран се разгорува. Иран изврши повеќе масовни напади врз Израел во текот на ноќта, по претходните напади на неговите нуклеарни постројки и клучни воени цели. Испалени се стотици балистички ракети. Во рок од неколку часа, низ Израел се огласија повеќе сирени за воздушен напад, вклучително и во Ерусалим и Тел Авив. Израелската армија изутринава (14.06) го повика населението да побара засолниште и да остане таму до понатамошно известување. Во меѓувреме, иранските медиуми објавија информации за пожар и чад над аеродромот во Техеран.
Најновиот аларм за воздушен напад беше активиран во неколку региони на Израел откако беше утврден ракетен оган од Иран, објави израелската армија на Телеграм во 4:40 часот изутринава (3:40 часот наутро по централно европско време). Израелските воздухопловни сили, како што се вели, се распоредиле за да ги пресретнат ракетите и, каде што е потребно, да ја елиминираат заканата. Кратко потоа, иранската државна телевизија информираше за нов бран напади врз Израел.
Според агенцијата АФП, по најновиот ирански напад, во Тел Авив се издигнал чад над облакодерите во центарот на градот. Израелската противпожарна служба објави дека нејзините тимови се во акција. Спасувачките екипи се упатиле кон висока зграда каде што луѓето биле заробени поради нападите. Според медиумски извештаи, во нападите има многу повредени. Една жена во Рамат Ган починала од тешките повреди.
Иран со своите напади врз цивилни цели ја премина црвената линија и ќе плати „многу висока цена“ за тоа, се закани израелскиот министер за одбрана Израел Кац. Висок израелски безбедносен функционер, цитиран од израелските медиуми, вели дека Израел ќе ги таргетира иранските нафтени постројки доколку Иран нападне населени центри во Израел. Според Иранската револуционерна гарда, нападите биле насочени кон десетици воени цели и воздухопловни бази во Израел.
Во видео порака, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати директно на граѓаните на Иран: Време е иранскиот народ да се заложи за слобода од злобен и угнетувачки режим, побара Нетанјаху.