Прскањето вода на ниви под далекуводи може да е кобно, предупредува МЕПСО
Земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва, да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа, предупредуваат од МЕПСО.
Од компанијата нагласуваат дека производителите мора да внимаваат и да не поминуваат со комбајни или друга голема земјоделска механизација под проводниците, да не поставуваат цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далекуводните траси, да не ги креваат во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далекуводите бидејќи металот е проводник на електрична енергија и да не ги поставуваат прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далекуводите од преносната мрежа бидејќи допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далекуводот.
Од МЕПСО апелираат и да не се палат стрништа во близина на далекувод бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем.
„Дополнително апелираме спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далекуводи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далекуводите, под јажињата за пренос на електрична енергија,“ стои во соопштението од компанијата.