Утврдени уште осум кандидати за градоначалници од ВМРО–ДПМНЕ
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип избра уште осум кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Антонио Милошоски член на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ информираше дека ИК донесе одлука да му предложи на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Македонски Брод кандидат за градоначалник да биде Жарко Ристески, кој е и актуелен градоначалник на оваа општина и во Општина Могила да биде актуелниот градоначалник Драганчо Саботковски.
-За Пробиштип имаме кандидат којшто ќе се трка за градоначалник, Тони Тоневски, за Богданци ВМРО-ДПМНЕ го предлага Марјан Пеев, за Демир Капија ја предлагаме Наталија Димитриева, за Општина Росоман предлог за кандидат за градоначалник Ѓорги Крстевски, за Новица – Стевче Стевановски и за Дебарца – Златко Силјановски. Сметаме дека овие осум кандидати за градоначалници се одговорни, исполнителни личности, коишто својата активност ја докажале не само во рамките на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ туку имаат углед и во самите општини, изјави Милошоски.
Тој истакна дека кандидатите за градоначалници ќе им биде препорачано да имаат што поголема комуникација со граѓаните, за да можат да работат на составување на своите Програми за локални избори, од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде одреден и тим којшто ќе им помогне за одредени проекти, кои се од капитално значење.
-Цениме дека со овие осум објавени кандидати за градоначалници и претходните 25, ВМРО-ДПМНЕ со самодоверба чекори кон локалните избори бидејќи сме единствената партија која што во моментов има обзнането имиња на 33 кандидати за градоначалници за кои што сметаме дека се на добар пат и да ја добијат довербата на граѓаните, рече Милошоски.
Прашан дали се во тек разговори за кандидат за градоначалник на Град Скопје, Милошоски одговори оти тие се во тек и дека кон средината на јули би имале одредено решение.