Викендов најавени повеќе „No Kings“ протести низ САД, во Вашингтон голема воена парада
САД се подготвуваат за викенд исполнет со протести за и против политиките на претседателот Доналд Трамп, додека во Вашингтон ќе се одржи воена парада по повод 250-годишнината од формирањето на Армијата на САД и 79-тиот роденден на претседателот, објави Ен-Пи-Ар.
Во сабота се очекуваат масовни демонстрации низ повеќе градови во САД, како дел од координираните акции под името „No Kings“ (Без кралеви), организирани од различни групи противници на имиграциските и пошироките политики на претседателот Трамп.
Протестите во Лос Анџелес траат цела недела, откако администрацијата ја засили имиграциската контрола во градот. Демонстрации се одржаа и во Сиетл, Чикаго и Њујорк, а на моменти дојде до судири со полицијата, палење автомобили и оштетување згради со графити. Досега се уапсени десетици лица низ целата земја.
Секретарот за безбедност, Кристи Ноем, на прес-конференција во Лос Анџелес беше прекината од сенаторот Алекс Падила, демократ од Калифорнија, кој се обиде да постави прашање на глас. Тој беше изнесен од просторијата од страна на обезбедувањето и накратко му беа ставени лисици.
Истовремено, во Вашингтон, ќе се одржи голема воена парада по повод 250-годишнината од Армијата на САД, на која ќе се одбележи и 79-от роденден на Трамп. „Ќе прославиме со спектакуларна воена парада во Вашингтон, каква што досега немало“, рече претседателот во видео објава на Инстаграм.
Настаните доаѓаат по контроверзната одлука на Трамп да ја активира Националната гарда на Калифорнија, и покрај противењето на гувернерот Гавин Њусом и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас. Првата група од 700 маринци пристигна во петокот и е распоредена пред федералните објекти.
Маринците се опремени со штитови и пендреци за контрола на толпа, но немаат овластување за приведување. Целта е да се заштитат федералните објекти и вработените во нив.
Во Тексас, гувернерот Грег Абот распореди трупи од Националната гарда во Сан Антонио и Остин поради очекуваните демонстрации. Во Мисури, гувернерот Мајк Кихо ја активираше државната гарда како „превентивна мерка“.
„Го почитуваме и ќе го браниме правото на мирен протест, но нема да толерираме насилство или беззаконие“, изјави Кихо. „Додека други држави чекаат хаос, ние преземаме проактивен пристап за заштита на граѓаните и заедниците“.