Израел и Иран разменуваат напади, Трамп вели дека „договорот е лесно возможен“
Израел и Иран во текот на ноќта повторно разменија напади, додека американскиот претседател Доналд Трамп порача дека конфликтот „може лесно да се прекине“, но истовремено ја предупреди Техеран да не ги напаѓа американските цели, објави Ројтерс.
Израелски спасувачки тимови ги пребаруваа урнатините од уништени станбени згради во потрага по преживеани со помош на батерии и кучиња трагачи. Според израелските власти, најмалку седум лица, меѓу кои и деца, загинале во текот на ноќта.
Во Иран, официјалните власти соопштија дека се откажани нуклеарните разговори што требаше да се одржат во денеска (недела) во Оман. Разговори што Вашингтон ги нарече единствена можност за прекин на бомбардирањата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пак, порача дека досегашните израелски напади се „само почеток“ и дека „она што ќе следи ќе биде многу поинтензивно за Иран“.
„Ако бидеме нападнати на кој било начин, силата и моќта на американската армија ќе паднат врз вас на нивоа што никогаш досега не сте ги виделе“, порача претседателот на САД преку платформата Truth Social. „Сепак, можеме лесно да постигнеме договор меѓу Иран и Израел и да го прекинеме овој крвав конфликт“, додаде тој, но не изнесе детали за можниот договор.
Иран информираше дека 78 лица биле убиени при првиот ден од израелската кампања во петокот, а десетици други вклучително и 60 лица, од кои 29 деца, загинале при уривање на 14-катна зграда во Техеран.
Иранската влада соопшти дека нафтениот резервоар „Шахран“ во Техеран бил нападнат од страна на Израел, но ситуацијата била ставена под контрола. Според новинската агенција Тасним, израелски ракети ја погодиле и иранската рафинерија и зградата на Министерството за одбрана, каде била причинета помала материјална штета.
Во Израел, сирени за воздушна опасност се огласиле околу 23 часот по локално време во саботата, по што околу еден милион луѓе се засолниле во бункери во Ерусалим и Хаифа. По полноќ, израелската армија предупредила за нов бран ракети и ги повикала граѓаните да се засолнат. Во Тел Авив и Ерусалим се слушале експлозии додека биле активирани противракетни системи. Предупредувањето било повлечено речиси еден час подоцна.
Воената група Хути од Јемен, која има блиски врски со Иран, изјави дека со балистички ракети го гаѓала централниот дел на Израел, вклучително и Јафа што претставува првпат некој ирански сојузник директно да се вклучи во судирот.
Израелската амбулантна служба соопшти дека најмалку седум лица загинале, меѓу кои 10-годишно момче, девојче и жена на околу 20 години. Повеќе од 140 лица се повредени. Израелските медиуми јавуваат дека 35 лица се водат како исчезнати во Бат Јам, град јужно од Тел Авив, каде ракета погодила осумкатна зграда.
Досега, најмалку 10 лица загинале, а над 300 се повредени во Израел откако Иран ги започна своите одмазднички напади во петокот.
Преговорите меѓу САД и Иран што беа планирани за недела во Оман се откажани. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека разговорите „не можат да се одржат додека траат бруталните напади врз Иран“.
Во првиот напад насочен кон енергетската инфраструктура на Иран, новинската агенција Тасним објави дека Израел погодил дел од гасното поле South Pars – најголемото во светот при што избувнал пожар, а дел од производството било привремено суспендирано.
Гасното поле, кое се наоѓа во иранската провинција Бушехр, е главен извор на природен гас во земјата. Цената на суровата нафта на светските берзи веќе скокна за 9 отсто во петокот, иако на првиот ден Израел ги поштедил нафтените и гасните капацитети на Иран.
Иранскиот генерал Есмаил Косари предупреди дека Техеран размислува да го затвори Ормускиот теснец, клучна точка за глобалниот транспорт на нафта.
Нетанјаху изјави дека израелската воена операција може да трае со недели, додека ги повика иранските граѓани да се кренат против владејачката верска елита. Иран пак, предупреди дека секоја воена база на сојузниците на Израел во регионот ќе биде цел ако учествува во пресретнување на иранските ракети.
Сепак, Иран е во ослабена позиција, двата најмоќни регионални сојузници, Хамас и Хезболах, беа сериозно погодени од војната во Газа и конфликтот во Либан во изминатите 20 месеци.
Израел смета дека иранската нуклеарна програма претставува егзистенцијална закана и вели дека тековното бомбардирање има цел да се спречи финалниот чекор во развојот на атомска бомба. Иран инсистира дека програмата е исклучиво цивилна, но Меѓународната агенција за атомска енергија оваа недела соопшти дека Иран ги прекршува обврските од Договорот за неширење на нуклеарно оружје.