ДОМ тврди дека зелената агенда е одговорот на европските и на регионалните предизвици
Како што соопштија од ДОМ, на форумот, партијата била претставена од ко-претседателката Ана Угринска и секретарот за меѓународна соработка Ервин Реџепагиќ, кои оствариле повеќе билатерални средби кои придонеле во дефинирањето на заедничките позиции на европските зелени партии во однос на предизвиците пред кои се исправени зелените партии во Европа.
„Фокусот на четвртото заседание на Зеленото лидерство беше поставен врз зајакнување на политичката соработка меѓу зелените партии во Европа, изнаоѓање одговор на сложените геополитички околности, како и утврдување на приоритетите за следниот период. Меѓу клучните теми беа позиционирањето на зелените во рамки на новите европски институции, политичките коалиции и потребата од поинтензивна поддршка за демократскиот развој на земјите-кандидатки од Западен Балкан. Заложбите за зелената транзиција, социјалната правда и демократијата, како и неопходноста овие вредности да станат интегрален дел од европската перспектива за регионот се приоритет број еден на партијата ДОМ“, истакнале Угринска и Реџепагиќ.
Во своите разговори со претставниците на ЕГП, Гринс/ЕФА групата во Европскиот парламент и партиите од Западен Балкан, тие нагласиле дека градењето зелени мостови пред сѐ меѓу зелените партии и граѓанскиот сектор е предуслов за стабилност, сигурност и одржлив развој и во Македонија а и меѓу регионот и Европа.
„Во овој контекст, ДОМ ја поздрави и вклученоста на европските зелени партии во процесот на усвојување на новиот извештај за напредокот на Македонија во Европскиот парламент. Благодарение на амандманите поднесени од европратеникот на Зелените/Greens, Томас Вајц и другиte поддржувачи од Greens/EFA групата, извештајот вклучува формулации што го потврдуваат признавањето на македонскиот јазик и идентитет – значајна порака на солидарност и поддршка од европските институции. ДОМ, како полноправна членка на Европската зелена партија, ќе продолжи да биде активен чинител во сите процеси на европско ниво кои се однесуваат на правдата, одржливоста и еднаквоста. Врските со сестринските партии во Европа се мост за заштита на вредностите кои ја дефинираат европската идеја во Македонија“, соопштија од ДОМ.