Родителите на загинатите во „Пулс“ порачаа: Не ги убивајте уште еднаш нашите деца

2

По поднесувањето на обвинителниот акт за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родителите на загинатите упатија јавно барање до Обвинителството, со кое бараат транспарентно, детално и лично објаснување за тоа кои лица се опфатени, кои се изземени од одговорност и врз основа на што. Нивната реакција доаѓа веднаш по прес-конференцијата на Јавното обвинителство, на која беше соопштено дека обвинението опфаќа 34 физички и три правни лица – меѓу нив поранешни градоначалници, директори на институции, инспектори и лица од обезбедувањето на дискотеката.

Родителите велат дека чувствуваат длабока збунетост и недоверба, особено поради правниот јазик во кој е составено обвинението, кој според нив е недостапен и неразбирлив за обичниот човек. „Ние родителите не сме правници, соопштението ни беше дадено по членови и закони, кој постапил, кој не постапил по членови од градежниот закон, од кривичниот законик… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен кои се четворицата од обезбедување и кои се тројцата градоначалници, другите по име и презиме не ги сфативме“, изјави Марија Петрушова, мајка на Андреј Панов, еден од загинатите млади.

На деветтиот протестен „Марш на ангелите“ што се одржа на 14 јуни, родителите соопштија дека во понеделник ќе поднесат писмено барање до Јавното обвинителство, со кое ќе побараат лично, лице в лице, да бидат запознаени со исходот од истражната постапка и со точната содржина на обвинителниот акт. Во нивното барање стои: „Сметаме дека е од суштинско значење обвинителството конечно и целосно да нè запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт – кои физички и правни лица се опфатени, против кои лица се води постапката, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас.“

Во јавен повик кој беше доставен до Обвинителството, Владата, медиумите и јавноста, родителите директно ги обвинија институциите за молк, бавно постапување, прикривање на клучни докази и селективен пристап. „Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест“, стои во писмото.

Тие бараат и јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер, објаснување зошто некои од осомничените се пуштени од притвор, враќање на иницијалната бројка од 72 осомничени и отстранување на сите обвинители кои, според нив, покажале политичка вмешаност или неисполнување на службена должност. Исто така, родителите бараат вклучување на независни меѓународни набљудувачи и истражители во случајот.

„Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно. Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе. Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето: вистина, отчет и одговорност“, се наведува во писмото.

Дополнително, Верица Трифунова, мајка на Моника Спасова, која исто така загина во „Пулс“, упати повик до Европската унија, но и до домашните граѓански организации како „Коалицијата за правично судење“ и „Транспаренси Македонија“, да се вклучат како надворешен мониторинг во целата постапка. „Јавно ги повикувам да се вклучат во борбата за правда на мојот убиен и пеплосен ангел Моника Спасова, да бидат мониторинг, да надгледуваат и следат сѐ што се случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Барам помош и од Европската унија да се вклучи како дел од мониторингот во постапката“, изјави Трифунова.

Во меѓувреме, на политичката сцена, обвинителниот акт предизвика реакции од опозициските партии. Од СДСМ оценија дека се работи за „обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани“. „Наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност актуелните директори на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил“, стои во реакцијата на СДСМ. Социјалдемократите побараа и политичка и морална одговорност од премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

На овие обвинувања одговори и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на 14 јуни изјави дека ако граѓаните сметаат дека тој треба да замине, ќе ја прифати одговорноста веднаш. „Ако граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам. Нема да чекам, како што беше тоа случај во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампања да добијат некој политички поен“, изјави Мицкоски.

Родителите, пак, порачуваат дека нема да се откажат додека не добијат целосен увид и одговорност од сите инволвирани институции и поединци. Нивната болка, велат, не може да се претвори во тишина и прифаќање. „Не ги убивајте уште еднаш нашите деца – со молкот, со корупцијата и со селективната правда. Доста е.“

Makedonski