Протест пред МВР поради одложеното рочиште за убиството на кучето Феникс

6

Денеска (15 јуни), во 12 часот, пред Министерството за внатрешни работи ќе се одржи протестен марш, организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, во соработка со активистички здруженија и групи за заштита на животните од целата држава. Повод за протестот е одложувањето на судското рочиште за убиството на кучето Феникс.

Од иницијативата порачуваат дека протестот ќе биде мирен, но гласен и масовен, како реакција на, како што велат, „неказнивоста на едно брутално убиство кое претставува тешка повреда на правниот и моралниот поредок во општеството“.

„Кога убиец останува на слобода, се губи довербата во институциите. Се праќа порака дека животот нема вредност, насилството се нормализира, а правдата станува избор, наместо обврска,“ велат организаторите.

Феникс, куче кое според активистите било симбол на добрина и кроткост, беше брутално убиено, а активистите бараат максимална затворска казна за осомничениот Љубе Крстевски и неговиот соучесник Бранко Билбиловски.

Барањата на здруженијата се следни:

  • Итно расчистување на случајот и судска разрешница,

  • Воведување минимум од една година затвор за кривично дело мачење и убиство на животни,

  • Формирање општински служби за заштита на животните,

  • Донесување закон за Комунална полиција со специјална единица за заштита на животни,

  • Превентивни мерки за спречување насилство врз животни и

  • Системска едукација за хумано постапување со животни.

Организаторите апелираат до сите граѓани кои веруваат во правда и хуманост да се приклучат на протестот и да испратат порака дека насилството нема да се толерира.

Makedonski