Касами: Важно е решението да биде одржливо – Мандатот го завршува без велосипедска патека
И покрај најавите, Тетово и натаму е без велосипедска патека. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, вели дека не е важно дали ова ќе се оствари до крајот на овој мандат, туку дека најважно е решението да биде одржливо, пренесува Порталб.мк.
По отстранувањето на велосипедската патека во 2021 година, во Тетово не е изградена нова патека.
На прашањето за оваа тема градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека во оваа насока се работи како дел од студијата за мобилност што ја нарачале тие како општина.
„Од таа студија очекуваме да добиеме многу информации за тоа како да се олесни движењето на граѓаните, и оние со автомобили, велосипеди и на пешаците. Се работи за еден сеопфатен проект што не можеме да го решиме само делумно. Значи, тоа е еден посеопфатен план за слободно движење на граѓаните што верувам дека ќе го имаме од моментот кога ќе се заврши студијата за мобилност, и тогаш ќе имаме една појасна слика за тоа во кои сегменти од градот треба да се воведе можност за движење со велосипед“, рече Касами.
Тој нагласи дека за него е помалку важно дали ова ќе се заврши во овој или следниот мандат.
„За мене, како и во многу други случаи, важно е решението да биде одржливо и долгорочно”, рече Касами.
Планот за мобилност го подготвува Институтот INSI од Косово и се очекува да биде готов во рок од шест месеци.
Во меѓувреме, тужбата за злоупотреба во проектот за велосипедската патека, што актуелниот градоначалник на Општина Тетово, Биљал Касами, во jануари 2022 година ја поднесе против поранешната градоначалничка, Теута Арифи, сè уште е без епилог.
Од Јавното обвинителство за Порталб.мк нагласија дека случајот сè уште се води според упатствата дадени од Вишото јавно обвинителство во Гостивар, по што одлука ќе донесе јавниот обвинител.
Потсетуваме дека во Тетово во 2021 година, велосипедската патека по должината на булеварот „Илинден“ ја изгради тогашното раководство на чело со Теута Арифи.
Овој проект доби многу критики за начинот на кој беше имплементиран. Во меѓувреме, по доаѓањето на чело на Општината, сегашниот градоначалник Биљал Касами, во ноември 2021 година ја отстрани оваа патека со образложение дека имало злоупотреби во проектот.
Во јануари 2022 година поднесе и тужба против Арифи во Јавното обвинителство.
Отстранувањето на велосипедската патека предизвика бројни реакции кај граѓаните кои сметаа дека не требало да се отстранува, а некои од општинските советници оваа постапка на Касами ја оценија како избрзан.
Изградбата на велосипедските патеки беше широко критикувана од граѓаните, кои рекоа дека истата ќе го отежни сообраќајот во Тетово. Проектот вклучуваше вкупно 5,5 километри должина на патека на улица „Илинденска“,широка 1 метар и која чинеше 3 милиони денари, или околу 50.000 евра.