Кристофер Хил: САД повеќе нема да бидат главен арбитер на Балканот

3

Поранешниот амбасадор на САД во Србија, Кристофер Хил, изјави дека САД повеќе нема да играат централна улога во решавањето на балканските спорови, каква што имаа во минатото, вклучително и во односите меѓу Белград и Приштина. Според него, дојдено е време земјите од регионот самите да ги решаваат своите проблеми.

Приштина мора да продолжи со воспоставувањето на Заедницата на српски општини, а Белград исто така има свои обврски. Меѓусебното признавање на Косово и Србија не е на маса, туку нормализацијата на односите, изјави Хил за Радио Слободна Европа.

Хил додаде дека САД сè помалку ќе толерираат жалби од една балканска земја против друга и дека повеќе нема да бидат арена за пренесување на регионални конфликти.

Времето кога една балканска земја можеше да дојде кај нас и да се жали на друга балканска земја е завршено. Луѓето се уморни од тоа.

изјави тој, додавајќи дека фокусот на глобалната политика е променет и дека САД се соочуваат со бројни предизвици на други места во светот.

Сепак, тој нагласи дека Балканот останува важен за САД и дека регионот претставува „недовршена работа во Европа“.

Сите земји на Балканот навистина треба да се движат напред и да ги решат своите проблеми. Идејата дека САД ќе бидат апсолутно ангажирани секој ден на Балканот веќе не е реална, подвлече Хил.

Ставовите на Хил се совпаѓаат со проценките на регионални аналитичари, кои за „Ал Џезира“ истакнаа дека Европа сè повеќе ја презема водечката улога во посредувањето и решавањето на балканските прашања, додека администрацијата на Доналд Трамп најверојатно ќе се фокусира на внатрешни и глобални приоритети, оставајќи попасивна улога на САД во регионот.

Makedonski