Започнува евакуација на македонските државјани од Израел по ескалацијата на конфликтот
Министерството за надворешни работи започна активности за итна евакуација на македонски државјани кои се наоѓаат во Израел, откако земјата во петокот започна со воздушни напади врз Иран. Министерот Тимчо Муцунски информираше дека е формиран кризен штаб со цел организација на безбедно извлекување на граѓаните од кризното подрачје.
Амбасадата во Тел Авив од самиот почеток на кризата е во редовна и директна комуникација со нашите државјани. Според најновите информации, 28 граѓани побараа поддршка за евакуација, изјави Муцунски.
Тој додаде дека првата фаза од евакуацијата ќе се реализира преку Египет, при што осум државјани – четири возрасни и четири деца – ќе бидат префрлени на безбедна територија, од каде ќе бидат вратени во Македонија со авион обезбеден од Владата.
Во тек се финални подготовки од страна на македонската амбасада во Тел Авив, кои вклучуваат издавање на потребна документација, логистичка поддршка и организација на безбеден конвој за транспорт до Египет. За преостанатите граѓани кои не можат веднаш да го напуштат Израел, евакуацијата ќе продолжи штом се воспостави редовен авионски сообраќај од аеродромот во Тел Авив.
Муцунски потврди дека персоналот на амбасадата е на безбедна локација и останува во постојана комуникација и поддршка на македонските граѓани. Министерството упати и апел до сите државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран во следниот период.
„Телефонските линии на Министерството и нашата амбасада се достапни 24 часа дневно за секој вид поддршка и консуларна помош“, истакна Муцунски.