Академски пленум: Контрамитингот на Вучиќ на Видовден е обид за провокација со опасни последици

2

Академскиот пленум остро реагира на најавата на Српската напредна странка дека ќе одржи митинг на Видовден, 28 јуни, истиот ден кога е најавен и голем студентски протест во Белград, пренесе Данас. Според нив, ова е директен обид на власта да предизвика судири со несогледливи последици.

„Ова не би бил прв контрамитинг во историјата на Србија, еден таков организираше и Слободан Милошевиќ во 1996 година, кога за малку беше избегната граѓанска војна“, потсетуваат од Пленумот.

Во нивното соопштение се вели дека наместо да распише фер и демократски избори за да ја реши длабоката општествена криза, српскиот претседател Александар Вучиќ покажува подготвеност да дозволи насилство на улиците.

„Го повикуваме Александар Вучиќ да се откаже од намерата да организира контрамитинг и да распише вонредни парламентарни избори. Доколку тоа не се случи, Академскиот пленум ќе го смета за единствено одговорен за евентуални насилства на Видовден. Универзитетските професори и соработници тој ден ќе бидат таму каде што им е местото, со своите студенти“, се додава во реакцијата.

Инаку, според најавите на весникот Блиц, движењето „Покрет за народ и државу“, иницирано од претседателот Вучиќ, планира да одржи масовен собир на 28 јуни во Белград.

Од друга страна, студентите кои веќе подолго време ја блокираат наставата и изразуваат незадоволство од владините политики, исто така повикаа на масовен протест истиот ден. Потпретседателката на српското Собрание, Марина Рагуш, за медиумите изјави дека „граѓаните нема од што да се плашат“ и дека двата собири ќе бидат одвоени.

Makedonski