Пожар во тетовската касарна – повредени двајца припадници на Армијата
Двајца припадници на Армијата се повредени денеска околу 14 часот во пожар што избувнал во касарната во Тетово, потврдија од Територијалната противпожарна единица Тетово.
Интервениравме со седум пожарникари, два противпожарни камиони и едно теренско возило за специјални интервенции. Пожарот беше локализиран во рок од половина час“, изјави командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети.
Според првичните информации, двајцата повредени припадници на Армијата се обиделе самостојно да го изгаснат пожарот, при што се здобиле со повреди. Тие се пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде што им е укажана лекарска помош.
Причините за избувнување на пожарот засега не се познати, а надлежните институции најавија истрага за утврдување на околностите под кои настанал инцидентот.