МПЦ-ОА доби нов архимандрит – Игуменот Агатон унапреден во манастирот „Св. Георгиј“ во Криви Дол

6

Македонската православна црква – Охридска архиепископија доби нов архимандрит. Во прашање е досегашниот игумен на манастирот „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези – Агатон (Апостоловски), кој е унапреден во највисокиот монашки чин.

Чинот на ракопроизведување во архимандрит беше извршен вчера во манастирската црква „Свети великомаченик Георгиј“ во селото Криви Дол, Скопје, од страна на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. На свечената Божествена литургија присуствуваа и новиот митрополит Дебарско-кичевски Георгиј, како и епископот хераклејски Климент, соопшти Скопската епархија.

Архимандритот Агатон е еден од блиските соработници на архиепископот Стефан и досега служеше како игумен во еден од најзначајните скопски манастири. Неговото унапредување се смета за значаен потег, особено имајќи предвид дека архимандритите се сметаат за потенцијални кандидати за идни епископи и митрополити.

Во моментов, две епархии во дијацезата на МПЦ-ОА – Австралиско-новозеландската и Австралиско-сиднејската – сè уште немаат поставени постојани митрополити и се администрирани од митрополитот Петар и архиепископот Стефан.

Makedonski