ЈО: Поведена постапка за инцидентот во Чаир во кој синоќа беа ранети три лица

4

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје повел постапка против едно лице на возраст од 18 години, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од членот 131 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Постапката е поведена против едно од лицата инволвирани во вчерашниот инцидент во Чаир, a за истиот настан постапка ќе се води и против еден малолетник, согласно Законот за правда за децата, информира Јавното обвинителство.

За инцидентот вчера информираше Мета, од лице место.

„Од доказите обезбедени во предметот постои основано сомнение дека повод за оружениот инцидент со нож била меѓусебна вербална расправија во сообраќај, меѓу осомничениот и неговиот татко од една страна и малолетникот од друга страна. Расправијата прераснала во физичка пресметка, во која таткото и синот со употреба на физичка сила, клоци и тупаници го нападнале малолетното дете. Во тој момент детето извадило нож со кој им нанело повеќе убодни рани по телото на осомничениот и неговиот татко. Осомничениот успеал да му го земе ножот на детето и го прободел во градниот кош. Во физичката пресметка трите лица се повредени, при што малолетникот и таткото се хоспитализирани со тешки телесни повреди“, наведено е во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека полесни се повредите кај сега осомничениот 18 годишник, за кого јавниот обвинител веќе побара да се определат мерки на претпазливост. Тие се  забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со малолетното дете кое го повредил.

Како што Мета синоќа објави, вистинска драма се одвиваше попладнето на улицата Џон Кенеди во скопската општина Чаир, во близина на маркетот „Веро“, каде што дојде до физичка пресметка со ножеви меѓу три лица, од кои едниот е 14-годишно момче. Екипа на Мета.мк беше присутна на терен и ја посведочи вознемирената атмосфера. Граѓани од околните згради и куќи, како и вработени од продавници и ресторани на улицата Цветан Димов, излегоа на улица за да дознаат што се случува.

На местото на настанот пристигнаа повеќе полициски возила, мотоцикли и возила на Итната медицинска помош, кои со вклучени сирени и ротациони светла се пробиваа низ сообраќајниот метеж во насока кон Центар. На оваа делница од градот се создадоа долги колони возила, бидејќи сообраќајот се пренасочуваше за да им се овозможи непречен пристап на службите за итна помош и полициските возила.

 

Makedonski