Инцидент на седница на Советот во Кочани – советник замавна со шише, повредена општинска службеничка

5

Инцидент со вербална и физичка пресметка ја одбележа денешната 65. седница на Советот на општина Кочани. Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите влезе во жестока расправија со советникот Мирче Стојков од ВМРО-ДПМНЕ, која кулминираше со замавнување со стаклено шише, при што беше повредена општинска службеничка.

Според сведочења од седницата, расправијата започнала околу прашањето за селективноста во работењето на инспекциските служби и односот на в.д. градоначалникот Венко Крстевски. Советникот Стојков го обвини градоначалникот за нееднаков пристап и селективни инспекции, при што се осврна и на однесувањето на Акиов.

„Аки Акиов може во ромското маало така да се однесува, а не да одите по негов памет“, изјави Стојков, што предизвика остра реакција од страна на Акиов, кој побара збор за реплика.

Во репликата, Акиов го нападна опозицискиот советник, алудирајќи на трагичниот настан во дискотеката „Пулс“:
„Му зборуваш на Венко за селективна правда. Како не ти е срам, изгореа децата во Пулс, 62 жртви имате…“

По овие зборови атмосферата се вжешти. Доаѓа до жестоки довикувања и обиди за физичка пресметка. Градоначалникот Крстевски се обидел да го смири советникот Акиов, но тој во еден момент зграпчи стаклено шише и замавна кон советник на ВМРО-ДПМНЕ, при што ненамерно ја погоди една од вработените во општината.

Инцидентот предизвика шок и вознемиреност меѓу присутните. Повредената вработена доби лекарска помош, а засега не е познато дали ќе следуваат кривични пријави.

Од општина Кочани и Советот се очекува официјална реакција, а јавноста бара итно расветлување на настанот и соодветна одговорност за нарушувањето на јавниот ред и мир во институцијата.

Makedonski