Независните кандидати пред речиси невозможна мисија за учество на локалните избори
Учеството на независни кандидати на претстојните локални избори, особено во Град Скопје, би можело да стане речиси невозможна мисија, доколку не се направат итни законски измени во Изборниот законик. Според моменталната правна состојба, за независна кандидатура во Скопје ќе бидат потребни дури 4.500 граѓански потписи.
Оваа бројка произлегува од фактот дека, иако Уставниот суд го укина членот од Изборниот законик кој предвидуваше најмалку 1% потписи од запишаните гласачи, законодавниот дом сѐ уште нема усвоено нова, прецизна регулатива што ќе ги дефинира условите за независни кандидатури.
Претставници на осум независни листи кои веќе имаат искуство со учество во општински совети, апелираат до институциите итно да се направат законски измени. Тие предупредуваат дека во спротивно, повторување на успехот од локалните избори во 2021 година ќе биде практично невозможно.
На тие избори, во дури 33 општини, како и во Градот Скопје, имаше барем еден независен кандидат, а вкупно беа избрани 67 советници од независни листи – што претставува речиси 5% од сите 1.347 советнички места низ државата. За нив гласале околу 56.000 граѓани.
Аналитичарите оценуваат дека ова е сериозен удар врз демократското учество и политичкиот плурализам на локално ниво. Граѓаните се ризикува да останат без можност за автентична и независна претставеност, особено во време кога довербата во традиционалните партии опаѓа.
Доколку се остави сегашната правна празнина, процесот на собирање илјадници потписи би станал не само логистички, туку и финансиски непребродлива пречка за многумина граѓански активисти, здруженија и иницијативи кои би сакале да се кандидираат без партиска поддршка.