Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, во Крива Паланка: Информирање за интеграциите и отворање на нов урбан парк

3

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска ја посети општина Крива Паланка во рамки на иницијативата за информирање на јавноста за процесот на европска интеграција и приближување на ЕУ до локалните заедници.

Во утринските часови, амбасадорот оствари средби со градоначалникот Сашко Митовски и со членовите на Општинскиот совет. Разговорите беа фокусирани на придобивките од идното членство во Европската Унија и конкретното влијание на европската помош врз локалниот развој и квалитетот на живот во регионот.

Круна на посетата беше присуството на Рокас на официјалното отворање на новоизградениот урбан зелен парк во близина на градскиот пазар, како дел од проектот „ПАРКОВИ“ – Заштита на областите преку регионално знаење и одржливост. Овој прекуграничен проект е финансиран преку ИПА Интеррег програмата за соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

На површина од околу 2.000 квадратни метри, уреден е модерен, еко-пријателски парк кој ќе им овозможи на граѓаните подобри услови за рекреација и ќе придонесе за зголемување на урбаниот биодиверзитет. За реализацијата на проектот, Општина Крива Паланка доби средства во висина од 388.000 евра, од вкупната вредност од 895.000 евра. Водечки партнер е бугарската општина Дупница.

„Ова е пример за тоа како прекуграничната соработка со поддршка од ЕУ може да донесе видливи, одржливи резултати кои го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните“, изјави амбасадорот Рокас на отворањето.

Проектот е дел од пошироката европска заложба за зелена транзиција и локален развој, а новиот парк веќе е поздравен од жителите на Крива Паланка како значајно збогатување на урбаното ткиво на општината.

Makedonski