Северна Македонија ја доби првата испорака на турските хаубици БОРАН – историски чекор во европскиот воен увоз
Северна Македонија стана првата европска држава што ги доби турските влечни хаубици „БОРАН“ од 105 мм, соопшти турското Министерство за одбрана, а пренесе специјализираниот воен портал militarnyi.com.
Честитки до сите што придонесоа за овој успех, кој има големо значење со оглед дека станува збор за прв извоз на нашите хаубици во Европа.
се наведува во соопштението од турското министерство.
Испораката следува по договорот потпишан на 21 декември 2022 година, според кој Северна Македонија доби шест хаубици „БОРАН“, заедно со соодветна муниција.
Што е БОРАН?
Хаубицата „БОРАН“ е модерно артилериско оружје кое турската армија го користи од 2021 година. Има калибар од 105 мм, должина на цевка од 30 калибри и вкупна тежина од 1.745 килограми, вклучително и системот за управување со огнот.
Со дострел до 17 километри, „БОРАН“ може да биде распоредена за помалку од една минута, што ја прави идеална за брзи и мобилни операции. Таа е најлесна хаубица во својата класа и може да се транспортира дури и со хеликоптер.
Посебна предност е интегрираниот систем за управување со огнот, кој вклучува GPS-навигација и овозможува висока прецизност и оперативна ефикасност, драстично подобра од традиционалните системи.
Поддршка од НАТО-сојузниците
Оваа испорака е дел од поширокиот тренд на јакнење на капацитетите на Армијата на Северна Македонија, која е членка на НАТО од 2020 година. Минатата година, САД одобрија продажба на JLTV оклопни возила, додека Норвешка донираше камиони и теренски возила.
Соработката со Турција претставува нов чекор во модернизацијата на артилерискиот арсенал на земјата и потврда за зголеменото меѓународно воено партнерство.