Израел удри по нуклеарниот објект во Исфахан – Трамп сеуште размислува дали САД ќе се приклучи на војната
Израел изврши воздушен напад врз иранскиот нуклеарен објект во близина на Исфахан, во уште една ескалација на конфликтот со Иран. Нападот е извршен со 50 воени авиони, а според израелската армија, мета биле два погони за производство на центрифуги за збогатување ураниум.
И покрај нападот, најзначајниот дел од иранската нуклеарна програма – подземниот објект за збогатување ураниум во Фордоу, остана недопрен. Израелските конвенционални сили не можат да ја погодат оваа тврдина, која се наоѓа длабоко под планински масив. Се верува дека само американскиот бомбардер Б-2 Стелт, со специјални проектили, би можел да го уништи.
Трамп на крстопат: Ќе се вклучи ли САД?
Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп ќе донесе одлука во следните две недели дали САД ќе ѝ се приклучат на израелската офанзива. Според него, „Израел добро се справува во војната“, додека Иран е во многу полоша позиција. Тој додаде дека Европа „нема капацитет да помогне“ во актуелната криза.
Трамп исто така ја отфрли проценката на американската разузнавачка заедница, според која Иран не гради нуклеарно оружје, и се согласил со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Техеран е на само неколку недели од создавање атомска бомба.
Европа предупредува, Иран се заканува
На самит во Женева, министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија го повикале Иран да размисли за откажување од својата „црвена линија“ и да почне преговори со САД дури и додека траат нападите. Според дипломатски извори, тие го предупредиле Техеран дека американската воена интервенција е веќе во подготовка.
Од своја страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи предупреди дека приклучувањето на САД кон конфликтот „би било многу, многу опасно за сите“. Тој истакна дека иранската страна веќе забележала најави дека Вашингтон би можел да се вмеша.
Во саботата рано утрината, Иран лансираше неколку ракети и беспилотни летала, од кои само едно ја погоди целта – куќа во северен Израел, соопшти израелската армија. Повеќето проектили биле пресретнати. Војската на Израел тврди дека сега има контрола над иранското небо, што драстично ги намалува шансите за повторен напад од иранска страна.
Хамнеи во сенка
Извори блиски до израелските безбедносни служби наведуваат дека врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не се појавил во јавноста по изјавата на израелскиот министер за одбрана дека и тој може да стане цел на напад.
Со оваа најнова рунда воени операции, конфликтот во Блискиот Исток добива нова, потенцијално глобална димензија, а светските сили се соочуваат со дилема – дали и како да се спречи натамошна ескалација која би довела до отворена војна меѓу САД и Иран.