СДСМ: Скандалот со сертификатот на Христовски од АНБ се прошири, бараме нова истрага од Обвинителството

4

Во јавноста излегоа нови, сериозни сомнежи поврзани со скандалот за јазичниот сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Последното истражување на БИРН, од увид во документацијата открива нови сомнителни и скандалозни детали за валидноста на ТОЕФЛ сертификатот по кои мора да постапат институциите.

Прво. За јазичниот сертификат Христовски полагал од дома. А во интервјуто за македонски медиум Христовски рече дека полагал преку јазичното студио „Јулија“ во Пловдив. Дали Христовски излажал за да покрие скандалот?

Понатаму, трите дела од испитот, читање, слушање и пишување, Христовски ги полагал на ист датум, на 22 март 2022 година а делот „говорење“ го полагал пет дена порано.

Тоа е спротивно на правилата на ЕТS, каде тестот трае околу два часа за сите четири дела, а паузите се забранети.

На самиот документ стои дека резултатите од сертификатот важат две години, значи март 2024 година. А Христовски беше именуван за директор во октомври 2024 година, што значи седум месеци по истекот на важењето. Очигледно и приложениот сертификат од страна на Христовски е со помината важност.

Овде има и еден клучен факт: Кодот на тест-центарот наведен во сертификатот на Христовски не е од Пловдив, како што тврдеше тој, туку од Софија. Истиот тој центар нема никаква врска со студиото „Јулија“ на кое се повикува директорот на АНБ.

Дополнително, документот што го покажува неговиот резултат е верзија што може самиот кандидат да ја испечати, без никаква гаранција за автентичност од ETS.

Сомнеж до сомнеж, нелогичност до нелогичност, лага до лага.

Почитувани,

Овој скандал не е само прашање на валидност на документ – ова е прашање на правда, прашање на груба партизација и институции кои штитат владини функционери од одговорност.

Сега е јасно како ден е дека Обвинителството – преку скопскиот обвинител Владимир Милошевски – го штитеше Бојан Христовски за да се заташка скандалот.

Селективноста ја руши довербата во институциите и потврдува дека сѐ уште живее духот на тефтерчињата од времето на Груевски.

Со ВМРО-ДПМНЕ на власт правдата е задушена а тоа е недозволиво.

СДСМ денеска јавно бара:

-Отворање на нова, независна истрага за случајот Христовски.
-Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да отвори предметот бидејќи по Закон е надлежна.
-Обвинителството да побара од ETS – единствената овластена институција – да ги открие официјалните податоци за полагањето на Бојан Христовски.

Јавноста да ја дознае целата вистина а сите инволвираи во овој скандал мора да одговараат.

Одговорност мора да има.

 

Makedonski