Недостиг на ресурси и строги казни: државата се подготвува за летната сезона на пожари

3

Со почетокот на летото и високите температури, властите повторно алармираат за опасноста од шумски пожари. Иако природните услови често се фактор, надлежните институции укажуваат дека најголем причинител останува човечкиот фактор. Поради тоа, од 1 јули ќе стапи во сила забрана за движење во шуми, која ќе важи најмалку до крајот на август. За влез во шума во овој период, граѓаните ќе мора да добијат посебна дозвола од Јавното претпријатие „Национални шуми“, кое понатаму ќе го следи нивното движење.

Значи ако некој земал дозвола да се движи на Скопска Црна Гора во одреден регион и таму имаме некоја нус појава – дали ќе биде тоа пожар, дали ќе биде некоја кражба, што и да е, ние знаеме дека тоа лице добило дозвола и претпоставуваме дека е тоа. Така што, сакаме на овој начин да го таргетираме движењето на луѓето во шумата во периодот којшто претстои од причина што гледате дека месеците март и април беа доста врнежливи, тревата е доста висока, што значи тој горлив материјал што во наредниот период ќе се исуши и ќе биде доста запалив, од таа причина ќе мораме да бидеме сериозно подготвени.

изјави Кире Михаилов, заменик генерален директор на „Национални шуми“ за Алсат .

Во борбата против пироманите, полицијата има клучна улога, а законот е строго формулиран – оној што ќе предизвика шумски пожар од големи размери се соочува со минимум осум години затворска казна.

И покрај сериозниот ризик, ресурсите за гаснење пожари се крајно ограничени. „Национални шуми“ сè уште не распишале тендер за набавка на нови огноотпорни одела за теренскиот персонал, а достапните цистерни се во лоша техничка состојба, што го отежнува гаснењето на пожари.

Возилата какви такви ги имаме, меѓутоа добар дел од нив, искрено, се во несоодветна состојба, се трудиме да ги санираме. Во делот на набавка на пумпи кои служат за гасење на пожарите имаме голема мака – затоа што едноставно во минатото не се водело грижа за ова.

додаде заменик-директорот Михаилов.

Институциите апелираат до граѓаните на зголемена внимателност, но и инсистираат на брза интервенција во подобрување на техничките капацитети за да се спречат катастрофални последи.

Makedonski