Самоубиствен напад во православна црква во Дамаск – најмалку 20 загинати

7

Во Грчката православна црква „Свети Илија“ (Mar Elias) во центарот на Дамаск вечерва се случи брутален терористички напад за време на вечерната богослужба, при што загинаа најмалку 20 лица, а 52 се повредени. Ова е првиот успешен самоубиствен напад во главниот град на Сирија од падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година.

Според Министерството за внатрешни работи на Сирија, бомбаш самоубиец поврзан со Исламска држава влегол во храмот, отворил оган и потоа ја активирал експлозивната јакна. Сведоци на настанот изјавуваат дека експлозијата предизвикала целосен хаос, а во моментот во црквата се наоѓале околу 350 верници. Се истражува и можноста за втор напаѓач кој, според очевидци, фрлил граната и исто така пукал пред експлозијата.

На снимки од местото на настанот се гледаат разрушен ентериер, крвави клупи и целосна деструкција – сцени што ја одразуваат суровоста на нападот.

Министерот за информации, Хамза Мостафа, го осуди нападот како „злосторнички и длабоко нечовечки акт што ја напаѓа основата на граѓанското општество“. Тој најави дека ќе се преземат максимални мерки за заштита на верските малцинства, особено во чувствителните зони.

Овој напад повторно ја актуализира заканата од ќелиите на Исламска држава, кои иако се територијално поразени во 2019 година, сè уште претставуваат сериозна безбедносна опасност во регионот.

Нападот ги става под притисок новите власти во Сирија, особено администрацијата на претседателот Ахмад ел-Шараа, кој досега ја гарантираше заштитата на верските заедници, меѓу кои и христијаните.

Сиријските безбедносни служби продолжуваат со истрагата, а објавени се засилени мерки околу сите верски објекти низ земјата.

Makedonski