Студентите бараат подобри услови во домовите: УСС-УКИМ со официјални апели до институциите

6

Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) достави две официјални барања до надлежните институции, повикувајќи на итно унапредување на условите за престој и живот во студентските домови во пресрет на новата академска година.

Првото барање е адресирано до Државниот студентски дом – Скопје и се однесува на санацијата и повторното оспособување на нефункционалните лифтови во објектите. Од УСС нагласуваат дека функционалните лифтови се неопходни не само за секојдневното олеснување на движењето, туку и за безбедноста и пристапноста на студентите со попреченост.

Второто барање е упатено до студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука (МОН), каде се инсистира на итно сервисирање на бојлерите и системот за топла вода. Според УСС, честите прекини со греењето и топлата вода, особено во зимскиот период, претставуваат сериозен проблем за станарите.

Покрај тоа, повторно се посочува на хроничниот проблем со нефункционални лифтови и во домот „Пелагонија“, што, како што велат студентите, е сериозна пречка за сите, особено за лицата со ограничена подвижност.

Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови кои студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме реалните потреби на студентите.

изјави Александар Николовски, претседател на УСС-УКИМ.

Студентите повикуваат институциите да реагираат уште во текот на летото, со цел новата академска година да започне со подобрени и достоинствени услови за живот и студирање.

Makedonski