Македонија без доволен број пожарникари и со застарена опрема – аларм на конференцијата за заштита од пожари

2

Недоволен број пожарникари, застарена и нестандардизирана опрема, отсуство на тренинг центар и недоречена регулатива – ова се дел од клучните проблеми со кои Македонија се соочува во борбата против пожарите. Овие алармантни состојби беа истакнати на денешната конференција „Заштита на објекти од пожар“, организирана од Институтот за стандардизација и техничкиот комитет ИСРСМ ТК 46.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, посочи дека земјава има околу 400 пожарникари, иако според законот се потребни најмалку 800. Таа потенцираше дека во Македонија нема тренинг центар за обука на нови и постојни пожарникари, а системот за избор на кадар е нефункционален и без јасни критериуми.

Се избираат пожарникари без јасни квалификации или стандарди, што е недозволиво за една критична служба како оваа.

рече Перишиќ.

Опремата и возилата што ги користат пожарникарите често доаѓаат преку странски донации и не се соодветни за домашните услови – некои возила имаат управувач од десната страна, а приклучоците не одговараат на нашите системи.

Дополнително, аларм беше подигнат и за недостатокот на професионални пожарникари во Агенцијата за шумарство, и покрај фактот што летните пожари најчесто избувнуваат токму во шумите.

Во однос на безбедноста при поставување фотоволтаични системи, државниот секретар во Министерството за енергетика, Горан Јовановски, предупреди на потребата од строги подзаконски акти:

Се почесто гледаме соларни системи на домови и јавни згради, но без стандардизирани правила и надзор, тие претставуваат потенцијален ризик за пожари.

рече Јовановски.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најави нови построги стандарди и законски измени за поголема безбедност, особено за угостителски и јавни објекти. Тој нагласи дека недостигот од стандардизација и координација меѓу институциите во минатото придонел за трагични настани, како пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.

Конференцијата заврши со едноминутно молчење за жртвите од пожарот, а организаторите повикаа на итна институционална акција и меѓусекторска соработка за подобрување на системот за заштита од пожари.

Makedonski