Македонскиот Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан упати писмо на сочувство до Антиохискиот Патријарх

6

До
Неговото Блаженство г. Јован Х,
Патријарх Антиохиски и на целиот Исток

Ваше Блаженство,

Со неизмерна болка и длабока тага ја примивме веста за ужасниот терористички напад кој се случи на 22. 06. 2025 г, во храмот „Свети Илија“ во Дамаск, во кој животот го загубија многубројни православни христијани. Сторениот стравотен злочин ги потресе не само христијаните во светот, туку и сите луѓе со љубов и добра волја.

Осудувајќи го ваквиот грозоморен чин, дозволете Ни од Наше име и од името на браќата архијереи, и од сета полнота на МПЦ – ОА, да Ве увериме во нашата искрена и длабока сострадалност, целосна поткрепа и усрдна молитва за Вас и за возљубената, страдална и маченичка Антохиска Православна Црква. Едновремено, заедно со Вас, ја очекуваме брзата реакција на надлежните власти во пронаоѓањето и санкционирањето на одговорните за ваквиот злостор.

Ваше Блаженство,

Дозволете Ни, уште еднаш да го изразиме Нашето срдечно и длабоко сочувство кон Вас, кон семејствата на трагично постраданите антиохиски новомаченици, и кон сите антиохиски христијани.

Триединиот Бог, Кој Самиот е Љубов, Крепост и Утеха, нека ги упокои душите на постраданите во лоното Аврамово, нека им даде скоро закрепнување на повредените, нека им биде постојана утеха на семејствата на жртвите и нека Го испрати Својот драгоцен мир врз полнотата на маченичката Антиохиска Црква.

Со братска љубов во Распнатиот и Воскреснат Христос.

 

(интегрален текст од писмото на Македонскиот Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан)

Makedonski