Дебакл за Мицкоски во Брисел: ЕПП бара „модерен македонски јазик“ во извештајот на ЕП

21

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја издигна на највисоко политичко ниво поддршката за предлог-извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), доживеа неуспех во Брисел, откако токму неговите сојузници – Европската народна партија (ЕПП) – не застанаа зад официјалната формулација за македонскиот јазик.

На денешното гласање во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), ЕПП предложи усмен амандман со кој бараше пред терминот „македонски јазик“ да се додаде описот „модерен“. Иако поради противењето на шест европратеници амандманот не беше ставен на гласање, претставникот на ЕПП, Галер, најави дека истиот ќе биде поднесен на пленарната седница, каде што ќе се гласа конечниот извештај.

Дополнително, беше најавена и поддршка за амандманот од страна на парламентарните групи на Зелените и Обновата на Европа, што ја зголемува неизвесноста за формулацијата на македонскиот јазик во конечната верзија на извештајот.

Во контекст на сложените односи меѓу македонската и бугарската страна, претседавачот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер, повика на воздржаност и осуди какви било лични напади кон известувачот Томас Вајц, нагласувајќи дека „сите страни заслужуваат да бидат сослушани“.

Лани не беше усвоен извештај за Македонија и тоа е преседан. Овој пат мора да имаме јасна позиција од Парламентот.

истакна Мекалистер.

Известувачот Вајц изрази задоволство што, по пауза од речиси три години, извештајот конечно помина во првата фаза.

Горд сум што успеавме да изградиме широко политичко мнозинство за овој добро избалансиран извештај. Северна Македонија припаѓа во ЕУ и мора да го искористиме моментумот за напредок во процесот на проширување.

рече Вајц.

И покрај усвојувањето на извештајот на ниво на Комитет, конечниот епилог останува неизвесен – особено поради најавите за потенцијални промени во формулацијата за македонскиот јазик на пленарната седница, каде што ЕПП има значително мнозинство.

Makedonski