Започнува 40-то јубилејно издание на „Штипско културно лето“

7

Со концерт посветен на автентична чалгиска музика, утревечер во 20:30 часот, во галеријата „Безистен“, ќе започне 40-то јубилејно издание на „Штипско културно лето“ – најголемата летна културна манифестација во градот.

Настанот ќе го отвори Филип Шубевски со „Езгија квартет“, состав кој негува традиционална чалгиска музика, што ретко се слуша на штипската сцена. Влезот е бесплатен за сите настани во рамки на фестивалот.

Општина Штип како организатор може со задоволство да каже дека сè е подготвено. Очекуваме добра посетеност уште на отворањето и успешен почеток на ова јубилејно издание.

изјави Панче Панајотов од општината.

Програмата ќе трае до крајот на јули и опфаќа концерти, театарски претстави, книжевни настани, изложби и креативни работилници, со содржини прилагодени за сите генерации.

Особено внимание е посветено на најмладите. На 26 јуни, во Домот на култура „Ацо Шопов“, ќе се одигра претставата „Пепелашка“, наменета за деца, на која се поканети сите – од најмалите до нивните родители и баби и дедовци.

Имаме богат репертоар, а содржините за најмладите се посебен акцент оваа година. Културата е за сите, и сакаме секој граѓанин да се пронајде во програмата.

додава Панајотов.

Штип ова лето ќе пулсира во ритамот на музиката, уметноста и културата – со 40 години традиција и нова енергија за иднината.

Makedonski