Андреа Нисева од Штип со бронза на ЕП – за Бугарија
Иако со срце и потекло од Штип, боречката надеж Андреа Нисева го освои бронзениот медал на Европското првенство за кадети до 17 години – но под знамето на Бугарија. Причината, вели, е дискриминацијата кон нејзиниот клуб Олимпија од страна на Боречката федерација на Македонија.
Четири борби – три победи и едно полуфинале со повреда
Нисева во Скопје настапи на домашен терен, но со боите на соседна Бугарија, поради што нејзиниот медал предизвика голем интерес во спортската јавност. Таа имаше вкупно четири борби – три победи и еден пораз во полуфиналето против Турција.
Пресудно беше долгодишното искуство, техниката, тактиката, менталната подготвеност. Желбата да се докажам и да останам на пиедесталот беше најсилниот мотив.
изјави Нисева.
Во борбата за бронзата, со импресивен резултат од 12-2 ја совлада шведската противничка, која претходно ја елиминира европската шампионка од 2024 година.
Поддршка од трибините: „Македонија, Македонија!“
Иако настапуваше за Бугарија, поддршката од штипјани, другарите од клубот Олимпија и македонската публика беше силна.
Беше емотивно. Ме бодреа со повици ‘Македонија, Македонија’, дури и другари кои живеат во Англија и Шведска дојдоа специјално да ме поддржат.
вели Андреа.
Нема поддршка од федерацијата – само од МОК
Нисева посочува дека и покрај јасните ветувања од министерот за спорт Борко Ристовски за решавање на проблемот со дискриминацијата, ништо не е направено.
Се борам за Бугарија бидејќи мојот клуб нема право на настап. Единствена поддршка добиваме од Македонскиот олимписки комитет и претседателот Даниел Димевски.
вели Нисева.
Следната голема цел на Андреа е Светското првенство во Атина, а нејзината најголема животна амбиција е медал од Олимписките игри.
„На сите млади им порачувам: не се откажувајте од соништата. Трудот секогаш се исплати.“