Хамнеи: Иран ѝ удри шлаканица на Америка и ќе одговори на секој нов напад

5

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во првото јавно обраќање по прогласувањето на прекинот на огнот со Израел, изјави дека земјата „ѝ удри шлаканица на Америка“ со нападот врз американската воздухопловна база во Катар, и остро предупреди против какви било идни напади, јави Асошиејтед прес.

Хамнеи зборуваше во претходно снимено видео што беше емитувано на иранската државна телевизија — негово прво појавување од 19 јуни. 86-годишниот лидер, познат по своите жестоки говори пред над 90 милиони граѓани, звучеше заморено и настапи со рапав глас, повремено сопнувајќи се во изразот.

Во говорот што траеше повеќе од 10 минути, Хамнеи испрати серија закани до САД и Израел, трајни противници на Исламската Република. Тој ги минимизираше американските воздушни напади во неделата врз три ирански нуклеарни објекти со користење на „bunker-buster“ бомби и крстосувачки ракети, за кои американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го „уништија иранскиот нуклеарен програм целосно и потполно“.

„Не постигнаа ништо значајно“, рече Хамнеи. Во пораката не беше спомнато ништо конкретно за состојбата на иранската нуклеарна програма и оштетените капацитети и центрифуги.

Нападот врз американската база во Катар, кој Иран го нарече „значаен одговор“, според САД бил ограничен и без жртви, што дополнително го нагласи контрастот меѓу двете наративи.

Раководителот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси, во четвртокот повтори дека штетата на нуклеарните објекти од израелските и американските напади е „многу, многу, многу значителна“.

„Да се каже дека се уништени е претерано, но претрпеа огромна штета“, изјави Гроси за француското радио RFI.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, претходниот ден призна: „Нашите нуклеарни капацитети се сериозно оштетени, тоа е сигурно“.

Хамнеи не се појави во јавност од 13 јуни, кога се засолни на непозната локација по почетокот на војната со Израел, кој тогаш започна со напади врз ирански нуклеарни постројки и истакнати воени команданти и научници.

Откако САД во неделата извршија воздушен напад врз иранските нуклеарни капацитети, Трамп посредуваше во договарањето на прекинот на огнот, кој стапи на сила во вторникот.

Хамнеи обвини дека САД се вклучиле во конфликтот затоа што „почувствувале дека ако не се вмешаат, ционистичкиот режим целосно ќе биде уништен“.

„САД влегоа во војната за да ги спасат, но ништо не добија“, изјави тој. За нападот врз американската база во Катар рече дека бил сигнал дека Иран има капацитет да нападне „важни американски центри во регионот секогаш кога ќе процени дека е потребно“.

„Исламската Република победи и, како одмазда, ѝ удри шлаканица на Америка. Оваа акција може да се повтори“, рече Хамнеи. „Ако се случи каква било агресија, непријателот ќе плати висока цена“, додаде тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, го минимизираше нападот во понеделникот, нарекувајќи го „многу слаб одговор“ и нагласувајќи дека Иран претходно го најавил нападот и дека немало жртви.

По прогласувањето на прекинот на огнот, во Иран постепено се враќа секојдневниот живот. Во четвртокот, земјата делумно го отвори својот воздушен простор, кој беше затворен од почетокот на војната, а продавниците во Техеран повторно почнаа со работа и улиците се исполнија со сообраќај.

Портпаролот на Министерството за патишта и урбан развој, Маџид Ахаван, соопшти дека источниот дел од воздушниот простор е отворен за домашни и меѓународни летови, вклучително и за транзитни.

Според иранските власти, 606 лица загинале во конфликтот, а 5.332 биле повредени. Одделно, организацијата Human Rights Activists со седиште во Вашингтон објави дека израелските напади предизвикале 1.054 жртви и 4.476 повредени во Иран, меѓу кои 417 цивили и 318 припадници на безбедносните сили.

Од израелска страна, официјалните податоци говорат за најмалку 28 загинати и над 1.000 повредени. Според податоците објавени од израелските власти во четвртокот, Иран испукал повеќе од 550 ракети кон Израел, од кои 90% биле пресретнати, додека Израел погодил над 720 ирански воени цели и осум локации поврзани со нуклеарната програма.

Трамп изјави дека следната недела би можеле да се одржат директни разговори меѓу американски и ирански претставници, што поттикна надеж за долгорочна деескалација. Иран сѐ уште не го потврдил тоа, но американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, рече дека имало директна и индиректна комуникација меѓу двете страни.

Шестата рунда на преговори во Оман, планирана за почетокот на јуни, беше откажана по израелскиот напад од 13 јуни.

Иран останува на ставот дека нема да се откаже од својата нуклеарна програма. Во средата, иранскиот парламент изгласа забрзана постапка за предлог-закон со кој практично би се прекинала соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), што дополнително го комплицира патот кон дипломатско решение.

Makedonski