САД подготвуваат нова санкциска листа за Балканот – таргетирани политичари, бизнисмени и актери поврзани со корупција и нестабилност
Соединетите Американски Држави подготвуваат нова проширена санкциска листа насочена кон поединци и компании од Западен Балкан, како дел од продолжувањето на вонредните мерки кои се во сила уште од 2001 година. Според најавите од американската администрација, листата ќе ги опфати оние што, според проценките на САД, се вмешани во коруптивни активности, воени злосторства и дејствија што ја загрозуваат стабилноста на регионот.
Фокусот на новиот санкциски пакет ќе биде ставен врз Македонија, Босна и Херцеговина и Косово – земји кои, според американските власти, се особено чувствителни на политичка нестабилност и влијанија што го поткопуваат демократскиот поредок.
Списокот го подготвува Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (OFAC), а санкциите ќе вклучуваат замрзнување на имот и средства на територијата на САД, забрана за влез во земјата, како и ограничување на секакви деловни и финансиски трансакции со американски субјекти.
„Ова е јасна порака дека САД остануваат посветени на борбата против корупцијата, организираниот криминал и сите облици на екстремизам што го поткопуваат мирот и напредокот во регионот“, соопштија американски официјални лица.
Иако официјалниот список сè уште не е објавен, дипломатски извори наведуваат дека се разгледуваат и имиња на високи политички функционери, како и поврзани деловни структури за кои постојат индиции за злоупотреби на функција, перење пари и мешање во судскиот систем.
Очекувањата се листата да биде објавена во наредните недели, што може да предизвика силни политички потреси во дел од земјите во регионот. Со оглед на тоа што ваквите санкции често имаат и симболична и правна тежина, аналитичарите предупредуваат дека тоа ќе биде сериозен тест за домашните институции и нивната способност за справување со криминалот и корупцијата.