Филипче му се заблагодарил на Шолц за „поддршката на македонскиот идентитет и јазик“

4

Како што информираат од СДСМ, двајцата се сретнале денеска во Берлин во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД).

„Во името на СДСМ и на сите наши граѓани, Филипче изрази искрена благодарност за силната и принципиелна поддршка што Германија, под водство на Шолц ѝ ја даваше на Македонија во процесот на европска интеграција, но и за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет“, се наведува во соопштението.

Филипче изразил благодарност за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која што, нагласил била испратена силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

„Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси“, додал Филипче.

Претседателот на СДСМ рекол дека е уверен оти поддршката од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упатил и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.

„Не смее да се дозволи какви било додавки за македонскиот јазик во извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската Унија, македонскиот јазик е јасно потврден“, рекол Филипче, стои во соопштението.

СДСМ останува цврсто посветен на европската иднина на државата и на стратешките партнерства што ја зајакнуваат македонската позиција на меѓународната сцена, се наведува во партиското соопштение.

Makedonski