Трагедија во Грција: Македонски камионџија учествувал во несреќа во која загинаа татко и син
Тешка сообраќајна несреќа со фатален исход се случи вчера попладне околу 16 часот на стариот магистрален пат Солун – Верија, во близина на населбите Халкидони и Лудија. Во несреќата животот го загубија 44-годишен маж и неговиот 13-годишен син, а во судирот учествувал и 34-годишен возач на камион од Македонија, кој веднаш бил уапсен од грчката полиција.
Според информации на грчкиот портал Protothema.gr, до несреќата дошло по жесток фронтален судир меѓу камионот и патничко возило во кое патувало четиричлено семејство. Таткото починал на самото место, додека момчето им подлегнало на повредите кратко по пристигнувањето во болница.
Мајката (43) и нивниот помал син (9) се здобиле со тешки телесни повреди и биле итно хоспитализирани во болницата „Гениматас“ во Солун, каде се борат за живот.
Семејството, според изјава на роднини, се враќало од шопинг во Солун кон нивниот дом во регионот Пела. Трагедијата ги потресе локалната заедница и пошироката јавност.
Фотографиите од местото на несреќата прикажуваат целосно уништено патничко возило, што сведочи за силата на ударот. Грчката полиција ја продолжува истрагата, а причините за несреќата сè уште не се утврдени.
Возачот на камионот од Македонија е во притвор и против него ќе биде поведена кривична постапка. Грчките власти најавија дека ќе ги објават деталите по завршување на увидот и форензичката анализа.