Од дипломатски и безбедносни причини одложено судското рочиште против Нетанјаху

5

Судот во Ерусалим во својата одлука, која беше објавена онлајн од страна на партијата Ликуд на Нетанјаху, соопшти: „Врз основа на дадените објаснувања, делумно го прифаќаме барањето и ги откажуваме за сега рочиштата на господинот Нетанјаху закажани за оваа недела“.

Во одлуката се наведува дека новите аргументи доставени од премиерот, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад и началникот на военото разузнавање го оправдуваат откажувањето на рочиштата, објави британски Гардијан.

Ова следува по повикот на Доналд Трамп минатата недела за отфрлање на случајот. Во објава на социјалните мрежи, американскиот претседател наведе дека судењето може да му попречи на Нетанјаху да учествува во преговори со палестинската милитантна група Хамас и со Иран, додавајќи дека САД „нема да стојат на страна“ додека се води процесот, што предизвика Нетанјаху да му се заблагодари преку објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).

Во објавата, Трамп го нарече судењето против израелскиот премиер „лов на вештерки“ и повика тоа „НЕПОСРЕДНО да биде ОТКАЖАНО или да му се даде помилување на овој Голем Херој“.

Нетанјаху беше обвинет во 2019 година за поткуп, измама и злоупотреба на довербата – обвиненија кои тој целосно ги негира. Тој повеќепати го претстави судскиот процес како оркестрирана кампања од страна на левичарски кругови, со цел да се собори демократски избран десничарски лидер.

Во еден од случаите, тој и неговата сопруга Сара се обвинети дека примиле луксузни подароци вредни над 260.000 долари меѓу кои цигари, накит и шампањ, од милијардери во замена за политички услуги.

Во другите два случаи, премиерот е обвинет дека се обидувал да договара подобро медиумско покривање со два израелски медиума. Откако судењето започна во мај 2020 година, Нетанјаху побара повеќе одложувања.

Неговите адвокати побараа премиерот да биде ослободен од сведочење во следните две недели за да може да се фокусира на безбедносните прашања, по постигнувањето на прекин на огнот со Иран и поради „тековните борби во Појасот Газа, каде што се држат израелски заложници“.

Тие доставија временски распоред на премиерот до судот како доказ за „потребата премиерот целосно да се посвети на политичките, националните и безбедносните прашања“.

Судот првично го одби барањето на адвокатите, но во неделата ја смени својата одлука откако ги сослуша аргументите од премиерот и други високи функционери.

Портпаролот на израелското обвинителство одби да коментира за изјавите на Трамп.

Лидерот на израелската опозиција, Јаир Лапид, минатата недела изјави дека Трамп „не треба да се меша во судски процес во независна земја“.

Трамп изјави дека Нетанјаху „во моментов“ преговара со Хамас, иако ниту еден од лидерите не даде детали, а официјални лица од двете страни изразија скептицизам околу можноста за брз прекин на огнот.

Во петокот, Трамп им рече на новинарите дека верува оти прекинот на огнот е блиску.

Makedonski