По една година владеење: Додека соседите напредуваат, Македонија назадува на патот кон ЕУ
Една година по формирањето на новата влада, Македонија не само што не ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, туку и дополнително заостанува зад соседните држави во европските интеграции, вели поранешниот пратеник и генерален секретар на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски.
Од усвојувањето на т.н. Француски предлог во 2022 година, кој овозможи формален почеток на преговорите, државата сè уште не го исполнила клучниот услов – усвојување на уставните измени што произлегуваат од преговарачката рамка. Без тоа, отворањето на поглавјата и реалниот напредок во преговорите остануваат замрзнати.
Иако Владата во повеќе наврати тврдеше дека европскиот курс останува приоритет, во пракса изостануваат конкретни чекори. Недостатокот од политички консензус за уставните измени, недовербата меѓу партиите и зголемената евроскепса во јавноста придонесуваат за застој.
Во меѓувреме, Албанија и Црна Гора бележат конкретен напредок. Црна Гора, која е најнапредната земја во процесот, работи на затворање на преговарачките поглавја, додека Албанија веќе започна со скринингот и го унапредува дијалогот со европските институции.
Политичките аналитичари предупредуваат дека доколку Македонија не направи исчекор во наредниот период, ризикува да остане изолирана на патот кон ЕУ, особено доколку соседните земји продолжат да се движат напред.